Тениската федерација на Австралија, која е организатор на гран слем турнирот во Мелбурн, негира дека по нејзина вина Новак Ѓоковиќ се наоѓа во хотел за мигранти откако му беше укината визата.
Денеска во јавноста се појави мејл кој уште во ноември минатата година на директорот на Австралија Опен, Крег Тили му го испратил австралискиот министер за здравство, Грег Хант, во кој пишува дека потврдата за прележан ковид-19 не е доволна гаранција за добивање на виза.
Новак Ѓоковиќ во средата допатува во Мелбурн откако две независни лекарски комисии, таа на Австралија Опен и таа на сојузната држава Викторија, му дадоа зелено светло за настап на гран слем турнирот. Но, по слетувањето на аеродромот, српскиот тенисер прво неколку часа беше испитуван од царината и граничната полиција, а потоа му беше укината визата и е сместен во хотел за мигранти.
Тениската федерација на Австралија сега се правда дека тие не се виновни и не ги информирале погрешно тенисерите кои не се вакцинирани.
-Секогаш бевме конзистентни во нашите соопштенија кои им ги испраќавме на играчите дека вакцинацијата е најдобра работа која можат да ја направат, не само за себе и другите, туку и за да влезат во Австралија. Ги отфрламе тврдељата дека група на тенисери и тенисерки биле измамени. Информирањето на играчите за тоа како може да влезат во земјата со медицинско изземање е земена од сајтот Smart Travel, на кој не упати Грег Хант.
Целта на овој документ беше да ја објасни можноста за настап на Австралија Опен според законите на сојузната држава Викторија, и во согласност со АТАГИ правилникот. Целта на правилникот на АТАГИ, посебно информациите поврзани со скорешното инфицирање беше нова информација која ја зедовме од проширениот правилник на АТАГИ, соопшти Тениската федерација на Австралија.