Викендот што доаѓа, почнувајќи од утре, ќе се одржи Пивофест 2022 година во Прилеп, фестивал кој 18 години ги забавува луѓето од Македонија но и регионот.
Претходно во јавноста излезе информација дека настапот на гитаристот Владимир Четкар е откажан поради финансиски проблеми со кои се соочува фестивалот.
„Фокус“ побара став од организаторите на фестивалот, Арт 10 продукција, во врска со овој проблем, од каде ни раскажаа како течеле преговорите со дел од изведувачите.
„Со дел од изведувачите и нивните тимови се преговараше до последен момент. Некои изведувачи, пред потпишување на договорите ги менуваа условите и хонорарот, од некои изведувачи пак добивме понуди за кои требаше да се одлучува, земајќи ги предвид финансиските средства, затоа и се случија промени во програмата, што е и нормално за еден голем фестивал.
За жал, барајќи сензација, од страна на одредени медиуми се изначитавме се и сешто, но, овој фестивал ниту е мал, ниту е нов, па затоа она што ни е најважно е поддршката што ја добиваме од луѓето, најмногу за одлуката македонска музика да доминира на фестивалот“, порачаа од Арт10 продукција.
Според нив, најважно е фестивалот да помине во најдобар ред, додавајќи дека деталите за трошоците за фестивалот ќе се презентираат пред јавноста.
„Сега е важно да имаме убав фестивал, публиката да се забавува и заборави на грижите и проблемите, бидејќи тоа е и целта на Пиво Фест. Откако ќе заврши фестивалот, на прес конференција, транспарентно ќе бидат презентирани и финансиските трошоци на фестивалот. Да, тешко беше, криза е, но ете, успеавме да го вратиме сјајот на Прилеп“, велат од Арт10 продукција.
Јорданчо Цветаноски