Аналитичарот, новинар и професор, Сашо Орданоски на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Сајбер нападите – предизборно оружје“, зборуваше за неодамнешниот сајбер напад врз серверот на „Слободен печат.
„Слободен печат којшто во последните два три месеци успеа да го дуплира и триплира својот сообраќај и влезе во 10те најчитани информативни портали. И тоа веројатно беше причината за повеќедневен напад.
Нападот е всушност загушување на сообраќајот на серверот.
Серверите на Слободен печат се лоцирани во Франција. Првите предупредувања стигнаа од таму, дека сме под жесток напад. Интересно во случајот е што компанијата идентификуваше 5 адреси од каде се врши нападот кои беа од Македонија. Некој да се дрзне од Македонија, и тоа не од приватни туку од државни институции како еден од поголемите државни универзитети, од едно од поголемите министерства во владата, една од најголемите енергетски компании, една од најголемите ИТ компании и од поголемите национални телевизии… Тоа се адреси кои би требало да бидат максимално заштитени.
Компанијата го пријави нападот во Одделот за компјутерски криминал во МВР не само затоа што е сериозен напад врз нашата компанија, каде секако имате огромни морални и материјални штети, туку бидејќи се работи за ретка прилика каде се идентификувани адресите и сметавме дека е важно да се идентификува начинот на којшто се извршени овие напади.
За да се провери дали нивните сервери биле хакирани што е многу веројатно.
Ако овој напад е проба пред изборите тоа може да има сериозни политички импликации. Замислете што ќе се случи ако на 3 април некој го хакира серверот на Фондот за пензиско осигурување, на пример. Зад тоа не стојат луѓе кои се шегувале тој ден, туку се работи за промислен организиран и смислено изведен напад“, истакна Орданоски.
Сајбер нападите врз интернет медиумите се сериозни кривични дела, a постои голема можност истите да се случат пред изборите. Ако ние како потенцијална членка на НАТО не сме способни да се избориме со ваквите предизвици, тоа во одредена мера ќе не компромитира. Токму затоа е неопходна поголема компјутерска безбедност, но и поголема информираност на граѓаните за овој проблем, беше заклучено на денешната панел дискусија на ЦИВИЛ „Сајбер нападите -предизборно оружје“ во Скопје.
Филип Стојановски, од Метармофозис на дискусијата истакна дека сајбер нападите се сериозна закана но не само во нашата држава туку во целиот свет.
Како што појасни, веб сајтовите на медиумите не се единствени што се изложени на овој вид напади, туку понекогаш тоа може да бидат и државните институции како што се банки, финансиски институции, но за ова не се зборува многу во јавноста, бидејќи како што додаде, нападнатите не сакаат да бидат претставени како жртви или како недоволно заштитени.
Доколку се работи за институции кои чуваат доверливи податоци и информации, или парите на граѓаните, Стојановски смета дека овие напади можат да бидат сериозна закана.
-Во нашата земја постои историја на сајбер напади врз веб сајтови на медиуми и врз веб сајтови на граѓански организации. Може да идентификуваме два типа на сајбер напади кои се најчести кај нас. Едните се директно хакирани од типот на одреден веб сајт или компјутерска мрежа е нападната со цел да се влезе во неа, да се искористат тие ресурси или да се направи некоја штета. Вториот тип се напади кои доаѓаат од мрежи на компјутери и кои праќаат пораки односно барање за некаков пристап или содржина, рече Стојановски.
Според него, граѓаните треба да бидат еден од факторите кои ќе бараат одговорност и квалитетот на медиумите.
-Сајбер нападите според нашиот закон е кривично дело кое повлекува повеќегодишна затворска казна. Таквото однесување може да биде и дел од некакво поголемо криминално здружување значи уште едно кривично дело организиран криминал, злосторничко здружување, рече Стојановски и додаде дека за нашата држава е клучно да градиме доверба во институциите
Реагирањето во однос вакви случаи, во однос на говорот на омраза на интернет, но и во однос на злоупотреба на компјутерски системи во која било форма, според Стојановски е исклучително важно бидејќи со тоа и на граѓани ќе им се даде до знаење за висината на опасноста, но и посветеноста на државата за нивната безбедност, која што е основа и за слободата на изразување.