Во анализа за Рацин.мк, искусниот проследувач на политичките тактики на македонската политичка шах табла Сашо Орданоски, „работниот наслов на средбата Ковачевски/Ахмети/Заев би можел да биде:
‘Ајде да расчистиме некои работи’, и тоа секој со секого од тројцата присутни“.
– Бидејќи веројатно разбираат дека заради начинот на кој меѓусебно политички се дриблаат во последните 5-6 месеци ги доведе во ситуација ѓаволот да им ја однесе шегата на претстојните избори, ова им е веројатно последен момент за некаква политичка и партиска суштинска коалициска мобилизација, бидејќи никој од овие тројца не е без „путер на главата“ за изборниот пораз што им се „смешка“ годинава, истакнува Орданоски.
Тој вели дека „доколку се во состојба нешто да расчистат меѓусебно – а списокот недоразбирања мора да бил долг, бидејќи разговарале цели четири часа! – тоа би можело да им го разјасни конфузниот наратив што со месеци го пласираат и во домашната јавност, а не помалку важно и кон евро-американските стратегиски сојузници на Северна Македонија“.
Со слична агенда е и посетата на Маричиќ и Зачевиќ во Приштина и средбата со претставниците на партијата Самопределување на Албин Курти.
Орданоски претпоставува дека „од прва рака“ сакале да дознаат кои се намерите на Курти, со оглед на тоа што грубото, формално мешање на „Ветвендосја“ во македонското политичко предизборно милје е преседан со опасни регионални последици, без разлика на тоа кој што мисли за овдешните партии на етничките Албанци, а најмногу за ДУИ.
– Од тоа што ми е мене познато, ниту Тирана, а ни Вашингтон и Брисел не ја поддржуваат оваа политика на Курти што, патем, барем на среден рок, му е во корист само на Белград (а и на Москва), чие општествено-политичко влијание во Македонија е диспропорционално на суштинските албанско-македонски интереси и кај нас и по прашањето на стабилноста на регионот, потенцира Орданоски.
Евро-американските посети на државата во претстојните денови Сашо Орданоски ги гледа во контекст на реанимација на блокираниот евроинтеграциски процес.
– Очекувам до крајот на јануари да се расчистат позициите на сите домашни и меѓународни актери за потоа да влеземе со „полна брзина“ во предизборниот натпревар, е проценката на Сашо Орданоски.