Екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков вчера излезе со писмо со куп обвинувања адресирани на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој во дел од писмото го прашува дали сакал да дојде на власт со веќе решено име, а виновници за тоа да се неколку пратеници од СДСМ и неколку од ДПМНЕ, а тој да биде патриотот?
Во последните 24 часа, во јавноста се разви дебата дали Мијалков е само авторот на писмото со оглед на тоа што тој упатува сериозни обвинувања до новиот лидер на ДПМНЕ, а за кои се гледа дека има многу познавања за тоа што се случува во моментот во партијата. Со таква дилема утринава се јави и поранешениот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, кој за „Дојче Веле“ тврди дека зад писмото на Мијалков стои поголема група на луѓе.
Сепак, тоа што е уште почудно се и обвинувањата упатени на адреса на колумнистот Сашо Орданоски, за кој во штабот на ВМРО-ДПМНЕ тврделе дека тој е автор на писмото на кој поранешниот шеф на тајната полиција само се потпишал. Орданоски во колумна објавена на порталот „Цивилмедиа“ ги демантира овие тврдења:
„JАС, сум бил авторот на писмото што Мијалков само го потпишал! Гревчиња. Ајде мене што ми припишуваат општествено влијание за коешто самите можат само да мечтаат во своите највлажни соништа; и, до тука, е во ред, јас такво влијание, благодарам на комплиментот, имам. Ама со тоа, на сопствената „отворена рана“ дотураат уште малку сол, бидејќи на Мијалков, всушност, му порачуваат: „Ти си толку глупав, што ни писмо не знаеш да напишеш, морало еден Орданоски да ти го составува“…Мислам дека ова Мијалков лично ќе им го сфати. Верувајте, последиците можат да бидат бомбастични.
А во писмото, Мијалков, всушност, го обвинува Мицкоски („Ти си лажен патриот!“) дека тој е главниот помошник на СДСМ и на меѓународната заедница за прифаќање на Преспанскиот договор. ЦК на ДПМНЕ, пак, токму тоа го тврдеше за Мијалков, дека тој „за грст златници“ им се продал на Заеви и на Бејли, заради што и го „шутнаа“ од партијата како вреќа со болви…
Сега, не разбирам, ако и двете страни се обвинуваат за иста работа, дека работеле за успех на Преспанскиот договор, во што е проблемот?“ – пишува Орданоски во својата колумна.
Извадокот од колумната на Сашо Орданоски е преземен од порталот „Цивилмедиа“.