Унгарскиот премиер Виктор Орбан го нарече „повеќе од застрашувачки“ планот на Украина да побара од Западот оружје и безбедносни гаранции. Орбан на Фејсбук ја објави својата реакција за Планот за победа, кој вчера го претстави украинскиот претседател Володимир Зеленски пред состанокот на Европскиот совет, на кој требаше да се преговара за идната помош на ЕУ за Украина.
„Денес претседателот Зеленски ќе го претстави својот план за победа. Она што го претстави вчера во украинскиот парламент беше повеќе од застрашувачко“, напиша Орбан и додаде дека наместо да се испрати повеќе оружје во Украина, потребен е прекин на огнот и мировни преговори.
„Јас сум еден од оние кои ја повикуваат Европската унија да ја промени својата сегашна стратегија. Европската унија влезе во оваа војна со лошо организирана, лошо спроведена, лошо пресметана стратегија, за која претседателот на Комисијата ја сноси главната одговорност“, напиша Орбан, мислејќи на Урсула фон дер Лајен.
„Ја губиме оваа војна, така што стратегијата не функционира. Но, тоа не значи дека ни треба повеќе војна, поопасно и оружје со поголем дострел – тоа значи дека треба да се префрлиме од воена стратегија на мировна стратегија. Ни треба прекин на огнот и мировни преговори!“ рече тој.
Орбан додаде дека ќе ги покани германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон да започнат преговори со Москва што е можно поскоро „во име на целата ЕУ“ со цел „да се најде излез од оваа ситуација“.
Ставот на унгарскиот лидер го доведува во конфликт со лидерите на ЕУ, вклучително и шефот на дипломатијата Жозеп Борел, кој сака да види одлука на состанокот на Советот за „деблокирање на плаќањата од Европскиот мировен фонд и за обезбедување поголема воена поддршка за Украина. Унгарија повеќе од една година го блокира трансферот на 6,6 милијарди евра на Киев, предизвикувајќи гнев кај другите земји-членки.