Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, само неколку дена по неговата посета на Киев, пренесува Еурактив.
Според изворите, се очекува во посетата да му се придружи и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Целта на унгарското претседателство е да придонесе за решавање на предизвиците со кои се соочува Европската унија. Затоа моето прво патување беше во Киев“, напиша Орбан на Фејсбук по пристигнувањето таму во вторникот.
Минатиот месец ЕУ ги отвори официјалните преговори за членство со Киев на самитот во Брисел, давајќи ѝ поттик на Украина, иако има уште долг и тежок пат пред неа пред да може да се приклучи на унијата.
Орбан последен пат се сретна со Путин во Пекинг во октомври 2023 година на форумот „Појас и пат“, кога тој беше единствениот политичар од ЕУ што присуствуваше на состанокот.
Фактот дека Орбан се среќава со Путин само неколку дена по неговата посета на Киев зборува во прилог на тезата дека тој сепак смета дека е важно да се одржат односите со Русија, кои неговите критичари ги сметаат за проруски.
Орбан инаку ги брани своите односи со Русија, велејќи дека дијалогот е неопходен дури и во време на војна. Будимпешта, исто така, тврди дека Унгарија е силно зависна од Русија за енергија, па затоа нема интерес за непријателски односи.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, остро го критикуваше Орбан, велејќи дека унгарската позиција на актуелното претседавање со ЕУ нема мандат да соработува со Русија во име на ЕУ.
The EU rotating presidency has no mandate to engage with Russia on behalf of the EU.
The European Council is clear: Russia is the aggressor, Ukraine is the victim. No discussions about Ukraine can take place without Ukraine.
— Charles Michel (@CharlesMichel) July 4, 2024
„Европскиот совет е јасен: Русија е агресорот, Украина е жртвата. Не може да има дискусии за Украина без Украина“, додаде Мишел.
Според висок дипломат на ЕУ, Орбан не информирал ниту една од институциите за патувањето во Москва.
Неколку дипломати на ЕУ ја осудија посетата, велејќи дека таа е во спротивност со актуелната политика на ЕУ и го става на ризик единството на алијансата.