Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека земјата им помага на САД подобро да ја разберат ситуацијата во Централна Европа и конфликтот во Украина со цел да се олесни мирното решение.
Коментирајќи ја посетата на американскиот државен секретар Марко Рубио на Будимпешта, Орбан оцени дека посетата им била од помош на САД.
„Америка е далеку, централна Европа е комплицирана, тешка за разбирање, а перспективата на војната е сосема поинаква од онаа од тука. Се обидувам да им помогнам на нив, на Американците, обидувајќи се да им дадам поинаква перспектива, поблиска, поширока, поисториска, подлабока, за да можат да донесуваат добри одлуки во мировниот процес“, рече Орбан во видео порака на Фејсбук.
Државниот секретар на САД во понеделник за време на посетата на Будимпешта изјави дека односите меѓу САД и Унгарија се во „златна фаза“ и се засноваат на солидна соработка, која не е само реторичка, туку и конкретна во областите на економијата и енергетиката.