Унгарија мора по секоја цена да се држи настрана од мисијата на НАТО во Украина, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан, еден ден откако генералниот секретар на алијансата изјави дека нема планови за испраќање војници во оваа земја разурната од војна.
Тој во интервју за јавното радио рече дека Будимпешта нема ни да учествува во фазата на планирање на таа мисија предупредувајќи на ризикот унгарските единици да бидат префрлени под команда на НАТО и да се искористи унгарската територија доколку почне мисијата на алијансата во Украина.
„Ќе изгубиме клучен дел од нашиот суверенитет ако тоа се случи, тогаш нема да можеме да ги држиме унгарските војници надвор од војната“, рече Орбан, цитиран од унгарската новинска агенција МТИ. Тој најави дека моментот кога Унгарија ќе се повлече од сите подготовки на НАТО за мисијата во Украина е многу блиску.
Орбан ги објави своите мрачни предупредувања пред изборите за Европскиот парламент оваа недела, на кои гледа како шанса да се запре ескалацијата на војната. „Имаме шанса да ја запреме војната“ на овие избори, смета унгарскиот лидер.
„Тогаш ќе имаме неколку тешки месеци до изборите во САД, кои ќе можеме да ги преживееме“, продолжи тој. И кога претседателот Доналд Трамп ќе се врати, „можеме да формираме панзападна трансатлантска мировна коалиција“ и да ја запреме војната, заклучи тој.