Орбан: Унгарија има право да си ја брани границата

by fokus

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија сака од некои од нејзините членки да ја преземе одбраната на надворешните граници за да го олесни влезот на мигранти.

Орбан, кој е противник на миграцијата, на отворањето на есенската седница на унгарскиот Парламент рече дека бирократите од ЕУ „не сакаат да ја запрат миграцијата, туку сакаат да управуваат со неа“.

Откако претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер минатата недела предложи до 2020 година да се распоредат дополнителни 10.000 граничари од Фронтекс, Орбан рече дека е добро што ЕУ „најпосле се сврте кон заштита на границите“.

– Но, не е добро ако сакаат да ни го земат правото да ги заштитиме границите и ако Брисел сака да управува со одбраната на унгарските граници. Нашите граници ги штитат не само професионалци, туку и патриоти, рече Орбан.

Унгарскиот премиер ја цитираше изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел од 12 септември, кога рече дека земјите-членки на ЕУ треба да препуштат некои свои овластувања на Фронтекс. Во истиот тој говор Меркел рече дека членките на ЕУ мора да го поделат товарот на миграцијата како знак на солидарност, на што тој се спротивставува.

– Нашата позиција за ова прашање е јасна – нашата татковина не е куќа низ која се поминува ниту прифатен камп. Доколку посакаме да се мешаме со другите култури и цивилизации, тогаш ќе се консултираме и ќе одлучиме за тоа, истакна тој.

Поврзани новости