„Будимпешта не планира да отстапи од својот став за главните политички и општествени прашања, иако е свесна дека лидерите на САД и ЕУ ќе продолжат да ја напаѓаат“.
Ова е изјава на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан на состанок со пратениците на владејачката партија.
Според весникот „Маѓар немзет“, на состанокот кој бил одржан зад затворени врати, Орбан навел дека Унгарија е „трн во окото“ на западните земји бидејќи е „најслободната земја во Европа“.
„Нашите граници се безбедни и тука нема мигранти. Наместо тоа, водиме семејна политика и никој не им наметнува родови идеи на децата. Не ѝ даваме оружје на Украина и не сакаме да се мешаме во војната“, рекол Орбан.
Предупредил на намерата на лидерите на ЕУ на Унгарија да ѝ го одземат економскиот, културниот и политичкиот суверенитет со тоа што ќе го променат начинот на кој Будимпешта го снабдува со гас населението и ќе ја присилат да прими десетици илјади мигранти во државата.
Орбан смета дека Западот сака да ја присили Унгарија да ѝ даде пари на Украина и да го одобри членството на таа држава во ЕУ без дебата, иако не ги исполнува условите.
„Нема да дозволиме тоа да се случи“, категоричен е Орбан.