Унгарија упати предлог за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија.
-Следната станица е да на некој начин да се спогодат со Бугарија.Јас овој предлог и тој предлог му го пренесов на премиерот Mицкоски, и му кажав дека ние сме подготвени да го искористиме претседавањето со ЕУ за да посредуваме во ова прашање.
Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник ,тоа е нивна работа, но ние сме подготвени да се најде решение кое ќе одговара и на Македонија и на Бугарија – изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Што содржи конкретно предлогот од Унгарија не откри ниту Мицкоски, кој за тоа кои се идните чекори на Македонија за европскиот пат на земјава, по одлуката на ЕУ за разделување на пристапниот пат на Македонија и на Албанија рече дека земјава е жртва на билатерализација на процесот.
Веднаш стигна одговорот и од Софија. Министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Иван Кондов, отфрла посредништво од трети страни за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.
-Европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен. На Бугарија не ѝ требаат посредници во овој процес – рече Кондов.