Утринава унгарскиот премиер Виктор Орбан се огласи од Брисел и на свој начин објасни каков бил вчерашниот самит на кој биле донесени клучните одлуки за иднината на Украина.
Тој вели дека на одлуката за пристапните преговори и претходела долга и тешка дискусија.
„Осум часа ги убедував да не го прават тоа, да не го ставаат на дневен ред приклучувањето на Украина. Не можев да ги убедам. Ова е лоша форма на помош. Еден од нивните аргументи беше дека ги има 26 и дека јас сам сум, но нивниот одлучувачки аргумент беше дека „Унгарија не губи ништо бидејќи националните парламенти ќе го имаат последниот збор“, па унгарскиот парламент може да го отфрли. Ќе има уште 75 прилики кога земјата ќе може да го запре. Не сакав Унгарија да го носи ова на својата совест. Ја напуштив салата за сами да ја донесат одлуката“, изјави Орбан.
„И Унгарија ќе ги сноси последиците“, одговори Орбан на најважното прашање, откривајќи дека токму тоа е причината поради која блокирал 50 милијарди помош за Украина.
Орбан продолжи велејќи дека „Украина нема да ги добие парите на Унгарците“.