По ненадејната посета на Москва минатата недела, која го навлече гневот на европските лидери, унгарскиот премиер Виктор Орбан замина на уште едно ненајавено патување, овој пат во Кина, објавија утрово кинеските државни медиуми.
„Мировна мисија 3.0“, напиша Орбан на платформата X по пристигнувањето во Пекинг, објавувајќи фотографија на која се гледа како на аеродромот го пречекува кинескиот заменик министер за надворешни работи Хуа Чунјинг.
Peace mission 3.0 #Beijing pic.twitter.com/DZZFv4qAEH
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) July 7, 2024
Кина е клучна сила во создавањето услови за мир во руско-украинската војна, додаде Орбан на платформата X, а во Пекинг рече дека Унгарија „силно ја цени“ кинеската мировна иницијатива во врска со конфликтот во Украина, пренесе унгарската новинска агенција МТИ.
Според кинеската државна новинска агенција Ксинхуа, Орбан треба да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Неговото патување доаѓа по шпекулациите дека унгарскиот лидер може да ја посети и Кина по контроверзното патување во Москва во петокот, за време на кое разговараше со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој потег предизвика чудење во Европа и во САД. Орбан рече дека неговата средба со Путин, била „мировна мисија“. За време на заедничкиот настап со Путин по разговорите, Орбан повторно повика на изнаоѓање мирно решение за украинската војна.
Неколку претставници на ЕУ подоцна нагласија дека унгарскиот лидер нема официјален ЕУ мандат за преговори со Русија и дека тоа нема никаква врска со шестмесечното претседавање на Унгарија со Европската унија.
Орбан, кој често е трн во око на Брисел по повеќе прашања, важи за најблизок до Москва меѓу лидерите на Европската унија. На 1 јули Унгарија го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ.