Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека не може да ги укине мерките воведени за спречување на коронавирусот сè додека не се изврши масовна вакцинација на луѓето.
Тој за унгарското државно радио рече дека најдобриот пристап е да се одобри употребата на неколку различни вакцини против коронавирусот, со цел да се поттикне побрзо производство и испорака на вакцини, пренесува „Ројтерс“.
-Не ни требаат објаснувања, туку вакцини“, рече Орбан и додаде дека се надева дека министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, кој денес е во Москва за да преговара за вакцините, ќе обезбеди договор за набавка на руската вакцина „спутник В“.
Според него, кога здравствените работници, старите лица и оние кои работат во првите редови ќе ја примат вакцината, може да започнат разговори за олеснување на мерките.
Унгарската агенција за лекови ја одобри употребата на британската „Астра зенека“ и руската вакцина „спутник В“. Унгарија на тој начин стана првата земја на ЕУ што ја одобри руската вакцина, за која европскиот регулатор сè уште нема дадено зелено светло.