Орбан: Меркел ќе ја спречеше војната во Украина, сега надежта е Трамп

by Фокус

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изрази пофални зборови за поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, изјавувајќи дека таа, доколку се уште беше канцеларка, ќе можеше да ја спречи руската војна во Украина.

На настан во Берлин, Орбан кажа дека Меркел, со нејзините постапки, во 2014 година ја спречила војната по руската анексија на Крим.

-Тоа што Ангела Меркел го направи во време на кризата на Крим беше ремек дело – рече тој.

Десничарот Орбан, кој има многу критичари во германската Влада на левиот центар, вклучително и заради неговиот став кон ЕУ, пред два дена се сретна со Меркел за време на неговата посета на Берлин.

На истиот настан, организиран од списанието за политика и култура „Цицеро”, Орбан кажа и дека американскиот претседател Џо Бајден не е вистинската личност да ги прекине борбите во Украина.

-Тоа што беше потребно е договор меѓу САД и Русија. Но, Бајден отиде предалеку критикувајќи го претседателот Владимир Путин. Можеби звучи грубо, но надежта за мир се нарекува Доналд Трамп – изјави Орбан.

Поврзани новости