Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе го искористи Самитот на Европската политичка заедница којшто на 7 ноември оваа година ќе се одржи во Будимпешта за да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер Христијан Мицкоски и бугарскиот претседател Румен Радев, или, пак, новиот премиер доколку до тогаш заврши процесот за избор на нова влада во Бугарија од изборите закажани за 27 октомври, објави „Рацин“.
Самит на Европската политичка заедница, кој е веќе закажан, е иницијативата на Макрон за среќавање два пати годишно сите лидери од ЕУ и вон ЕУ европски држави за да дискутираат за стратешки политички прашања. Последниот самит беше во јули во Англија.
Според Рацин, на тој Самит Орбан ќе се обиде да го исполни своето ветување за посредување меѓу Северна Македонија и Бугарија и да ги седне на иста маса лидерите на двете земји.
Инаку, најавена е посета на Скопје на Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европска комисија, која наскоро треба да допатува во регионот за да ги испорача ветувањата за парите предвидени со Планот за раст.