Орбан ја обвини Европската комисија за неуспехот со ембаргото врз нафтата

by Фокус

Немаме компромис, немаме договор за санкциите врз нафтата, а вината е кај Европската комисија, изјави предмалку унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Унгарскиот премиер смета дека Европската комисија не ги консултирала земјите членки на ЕУ пред да предложи ембарго врз нафтата. Унгарија, како што рече, ќе бара солидни гаранции пред да прифати компромис.

-Се наоѓаме во тешка ситуацијата поради неодговорното однесување на Комисијата – изјави Виктор Орбан пред почетокот на вонредниот ЕУ самит, на кој најтешка тема ќе биде предложеното ембарго врз руската нафта.

Орбан оцени дека Европската комисија по лидерскиот самит во Версај не преговарала соодветно со земјите членки и предложила ембарго врз нафтата „од нигде никаде“. Тој смета дека Будимпешта не може да прифати договор без гаранции за безбедноста на набавка на енергенси.

-Енергијата е сериозна тема, ова не е детска игра, ова е сериозно, прво треба да видиме решение, а потоа санкции, досега имаше пет предлози со различен пристап, прво санкции, потоа последици, но бидејќи енергијата е ризична, сериозна тема, прво треба решение, потоа санкции, изјави Орбан за новинарите пред самитот.

Унгарскиот премиер рече дека последниот компромис разработен на ниво на Советот во кој се иззема нафтата која доаѓа од нафтовод е добар основ, но не е доволно.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, пак, изјави дека е оптимист дека Европската унија порано или подоцна ќе постигне консензус за ембаргото на руската нафта.

-Никој не може да предвиди дали тоа навистина ќе биде така, но сè што слушам звучи дека би можел да се постигне консензус и порано или подоцна него ќе го има, рече Шолц додека пристигнуваше на самитот на ЕУ во Брисел.

Поврзани новости