Орбан ја исмеја Калас: „Додека Трамп и Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави“

by Fokus

Во Брисел, Берлин, Париз и Лондон се погласни се гласовите кои го предупредуваат американскиот претседател дека согласувањето со територијалните барања на рускиот лидер Владимир Путин би значело повторување на политиката на попуштање од минатото.

„Јасно е дека ниту еден договор зад нашиот грб нема да успее. Ви требаат и Европејците и Украинците“, им рече на новинарите Каја Калас, највисокиот дипломат на ЕУ, на маргините на состанокот на министрите на НАТО.

„Зошто ѝ даваме на Русија сè што сака уште пред да започнат преговорите? Тоа е политика на попуштање. Никогаш не успеала“ порача Калас.

Западните сојузници се особено загрижени поради одлуката на Трамп да ја исклучи можноста за членство на Украина во НАТО, да им забрани на американските трупи да учествуваат во мировните сили и да го отфрлат барањето на Киев да ја врати целата територија окупирана од Русија од 2014 година.

Додека официјалните лица го анализираа предлогот на Трамп, се издвои една порака: Украина и нејзините сојузници нема да прифатат никаков договор што Русија и САД би го постигнале без учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европејците исто така нагласуваат дека мора да бидат вклучени во преговорите.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја исмеа изјавата на Калас за континуираната европска поддршка за Украина.

„Позицијата на Брисел – да се поддржи убивањето колку што е потребно – е морално и политички неприфатливо. Додека претседателот Доналд Трамп и претседателот Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави“ рече Орбан.

Еден европски дипломат ја сумираше загриженоста на многумина кои се сомневаат во способноста на Трамп да преговара со Путин. „Многумина стравуваат дека Трамп е несмасен преговарач и дека ќе направи неверојатни отстапки за Русија“, рече дипломатот кој сакаше да остане анонимен. „Општиот впечаток е дека Американците внесуваат хаос во целиот процес“.

Поврзани новости