Унгарскиот премиер Виктор Орбан испрати писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кое, меѓудругото, повикува на разговори со Кина за „мировна конференција“ и обновување на дипломатските односи со Русија, објави германски „Билд“.
Весникот наведува дека Орбан изнесол збирна оценка по неодамнешните разговори со лидерите на Украина, Русија, Кина, Турција и поранешниот американски претседател Доналд Трамп за конфликтот во Украина, како и некои предлози за разгледување.
Орбан во писмото повикува на разговори со Кина за „мировна конференција“, обновување на дипломатските односи со Русија и, како што наведува, „политичка офанзива кон земјите од глобалниот југ, чија почит ја изгубивме поради нашиот став за војната во Украина“, пренесува „Билд“.
Писмото содржи десет точки, а кога станува збор за војната во Украина, унгарскиот премиер оценува дека во блиска иднина интензитетот на конфликтот радикално ќе се засили.
Орбан писмено ги информирал лидерите на Европскиот совет за искуствата од преговорите за мир во Украина, првата фаза од мировната мисија и за планот на Унгарија кој содржи реална проценка на ситуацијата и реални цели.