Ткивото на Европската унија е растурено поради мигрантската криза и ќе бидат потребни натчовечки напори за обновување на европската соработка во ерата по Ангела Меркел, тврди унгарскиот премиер Виктор Орбан во писмото до Меркел објавено на нејзината службена интернет-страница.
Унгарскиот премиер пишува дека Меркел и тој со години страдале бидејќи биле опозиција, па кога станале власт заедно ја менаџирале финансиската криза во 2010 година и биле партнери во борбата на Европската унија.
„Лојалните и дисциплинирани Германци и бунтовните и непромислени Унгарци се бореа заедно за иста цел, Европа во која сите народи ќе се чувствуваат како дома“, пишува Орбан.
Тој посочува дека кризата откри дека татковината е клучна за Унгарците и другите жители на централна Европа.
„Нацијата е појдовна точка, а без патриотизам не може да има здрав емотивен живот. Се покажа дека Германците застанаа на страната на вториот развојен пат на европската цивилизација, да се придвижат кон постхристијанска и постнационална држава“, истакна тој.
Едно е сигурно, порачува унгарскиот премиер, ерата на „двосмисленост, прикриена политика и талкање“ заврши со Меркел. Влегуваме во, како што вели, новото време без ракавици.