Македонската влада не е наивна и нема на паѓа во замките на Бугарија чии политичари по секоја цена сакаат да го злоупотребат македонското прашање во предизборната кампања, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Тој вели дека Македонија нема да прифаќа уцени и ултиматуми, а евентуални нови преговори со Бугарија ќе се водат врз основа на принципи и вредности.
Тој повтори дека е подготвен да разговара со источниот сосед за изнаоѓање на решение кое ќе биде прифатливо за двете страни, а не како неговите претходници кои замижуваа на сите провокации и се согласуваа на исполнување на сите барања од Софија.
-Бугарија, бугарската Влада, бугарскиот претседател и политичари сакаат сега да ја вовлечат темата Македонија таму во нивното предизборие. Јас сум го кажал тоа повеќе пати, ние нема да бидеме наивни и да влегуваме во такви замки. Имаме наш интерес и наша цел и сакаме да чекориме цврсто кон реализирање на тој наш интерес и нашата цел.
Што се однесува до разговорите со нашиот источен сосед ние сме подготвени кога сакаат и врз основа на која платформа или план сакааат да седнеме да разговараме и да најдеме решение и нормално, да ги почитуваме меѓународните стандарди – рече Мицкоски.
Оваа реакција доаѓа откако бугарското МНР порача дека процесот на евроинтеграции не дозволува посредување меѓу Европската Унија и земја-кандидат, што го понуди премиерот на Унгарија Виктор Орбан.
-Она што беше понуда од моменталниот претседавач со ЕУ, тоа е претседателот на унгарската Влада Виктор Орбан, е во име на претседателствувањето со Европската Унија. Сега треба да видиме кој во Бугарија какви сигнали испраќа, некој испраќа едни, други испраќаат други сигнали. Кај нас сигналот е јасен сакаме решение кое ќе биде достоинтвено. Уцени и ултиматуми не прифаќаме – рече Мицкоски.