Ора њуз објави прилог за Трајче Заев: Функционери на СДСМ и ДУИ саботирале акција на странски агенции?

by fokus

Под наслов „Аудио снимките што го загрижија Трајче Заев: Не ја издавајте книгата!“ албанската телевизија „Орањуз“ синоќа објави прилог во којшто тврди дека лице кое ќе биде заштитено од правдата поседува неколку аудио снимки кои покажуваат дека високи функционери во Македонија директно интервенирале за да ја направат неуспешна операцијата за битка против шверц со наркотици преземена од странски агенции.

Од текстот што е објавен заедно со видеото не може да се извлечат многу детали, но се објавува дека на тие аудио снимки има имиња од коалицијата СДСМ-ДУИ, но и познати имиња на „сините униформи“.

– Во аудио снимките на мрежата за шверц на наркотици се наоѓаат имиња на високи функционери на коалицијата СДСМ-ДУИ, но и познати имиња на сините униформи. Од друга страна, има прислушувања кои покажуваат дека високи функционери директно интервенирале за да се овозможи неуспех на операција преземена од странски агенции, објавува телевизијата.

Лицето кое ги поседува аудио снимките, како што објавува Ора Њуз, најпрвин комуницирало со Трајче Заев, братучед на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, известувајќи го за ситуацијата. Заев, откако ја преслушал аудио снимката, му одговорил со кодирана порака:

„Мислам дека би била многу позната книга кога би била објавена. Според мене, оваа книга треба да има што помала публика, но секако дека зависи од вас. Ајде да договориме уште една средба, следната недела“.

Сепак телезијата не објавува која точно акција на странски агенции ја спречиле високите функионери. Од она што е познато во јавноста, името на Трајче Заев и акција на странски агенции ги поврзува акцијата на американската ДЕА кога спречи шверц на марихуана и беше уапсен возачот на Трајче Заев.

Во април 2021 година во акција на МВР со американската агенција ДЕА беа запленети двесте килограми марихуана во вредност од 800 илјади евра, а беа приведени шест лица, меѓу кои полициски командир од Прилеп, Кире Спиркоски Чипсио, но и Александар Ушликовски, за кого опозицијата тврди дека е личен возач на  Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев.

Тие биле во двата автомобили таканаречени „чистачи“ кои возеле пред комбето во кое имало 40 картонски кутии со 400 полиетиленски пакувања со марихуана.

Во оваа акција инволвирани беа и две компании за производство на марихуана во медицински цели, една од Прилеп и една од Битола, со кои соработувал Ушликовски. Тогаш се огласи и Трајче Заев кој тврдеше дека комбето со марихуана кое го заплени МВР не е во сопственост на фирма на Заеви и ниту еден од уапсените не е вработен во фирма на Заеви.

Инаку, компанијата за одгледување на канабис за медицински цели „Фарма Медика Канабис“ од Валандово, која е во сопственост на братучеди на поранешниот премиер Зоран Заев, лани остана без лиценца, наводно на барање на сопствениците.

Според официјални податоци, оваа компанија е во сопственост на Бобан Заев, Катерина Бојовиќ Заева и Трајче Заев, кои имаат релации со уште една компанија за медицинска марихуана, која пак активно функционира.

Станува збор за „МАМ Свети Николе“, која впрочем има повеќе содружници – „Еленица“, „Зора“, „Фрејзер“, „Омега Инженеринг“, „Империал Грин“ и „Ранопромет Грин“, а управител е Трајче Заев.

Сепак телевизијата не наведува за кои акции имало обид да се компромитираат и да се спречат.

Истата телевизија претходно објави дека заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши престојувал во хотел во Истанбул каде едно ноќевање чини 20 илјади евра.

Поврзани новости