Општините со кои раководат кадри на коалицијата ВРЕДИ ќе ја финансираат албанската Академија на науките и уметностите во земјава, кој очекуваат да добие и институционална форма.
Тетовскиот градоначалник, Билал Касами, денеска рече дека ќе ја поддржат идејата затоа што сметаат дека Албанците треба да бидат претставени соодветно и на академско ниво. Притоа не кажа колкава сума ќе се издвојува од општинскиот буџет за оваа намена.
Иако од ВМРО-ДПМНЕ, коалицискиот партнер на ВРЕДИ, ја отфрлаат идејата за паралелна Академија, сепак Касами рече дека се отворени за дебата.
„Сигурно дека го почитуваме ставот на нашиот коалиционен партнер околу овој проект, но исто така сакам да подвлечам дека ова е многу, ќе кажам, понормално од тоа што порано пред десетина години била реакцијата на политиката за вакви слични проекти“, изјави Касами.
Според членовите на Академското здружение за наука и уметност на Албанците неопходноста за создавање Албанска академија е инертноста на МАНУ за реформи.
„Ние се обидовме да развиеме еден општествен дијалог за ова прашање. Бараме од новинарите, од политичарите да не гледаат како пријатели, како луѓе кои се занимаваат со научно – истражувачка дејност“, изјави Хасан Јашари, претседател на Академско здружение за наука и уметност на Албанците – Тетово.
Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир со членовите на Здружението се сретнаа во Тетово, за каде го планираат и седиштето на Академијата.