И покрај тоа што лозарите сеуште ги немаат добиено предпоследната и последната рата за грозјето, кои што треба да им бидат исплатени до 15- февруари, односно до крајот на април, општините се подготвуваат за големи прослави со многу гости, во чест на празникот на лозарите.
Кавадарци, Неготино и Демир Капија се подготвуваат за прославата на „Свети Трифун“, празникот на лозарите, на 14-ти февруари. Општините најавуваат богата програма која што ќе трае неколку дена, а помеѓу планираните активности за обележување на празникот се дегустации на вино и ракија, предавања од стручни лица од областа на лозарството, културно- уметнички програми и бесплатни вино и ракија на штандови поставени на градските плоштади.
Додека во Неготино гостите ќе ги забавуваат фолкорни и локални музички групи, во Демир Капија е најавено присуството на повеќе музички ѕвезди.
Јордан Митев, Виолета Томовска, Блага Петреска, оркестарот „Зајди, зајди“ и други. Исто така, готвачите од „Брза кујна“ Марк Де Јонг и Никола Мишковски ќе приготват специјалитети кои што присутните ќе можат да ги пробаат за време на настанот. Денес ќе биде подигнато фестивалското знаме, и започнуваат низа активности, како изложба на фотографии од археолошки ископувања на локалитети во Демир Капија, натпревари за најдобро домашно вино и ракија, натпревар за избор на најдобра трпеза со традиционални јадења, предавања на енолози од повеќе винарии… Демиркапијци очекуваат голем број на посетители од земјава и од странство во текот на наредните денови, додека траат празничните активности. Во вторник, новиот воз бесплатно ќе ги вози патниците од Скопје кон Демир Капија, со цел сите заинтересирани да бидат дел од манифестацијата.
Во Кавадарци манифестацијата ќе помине без музички ѕвезди, а од општината уште пред неколку години изјавија дека „Тиквешкиот гроздобер“ кој што се одржува во септември е главен празник на градот, и тогаш се канат познати музичари од регионот, додека „Свети Трифун“ поминува со локални групи. Затоа пак кавадарчани, пред неколку дена во чест на празникот добија празна дрвена бочва со капацитет од 9.000 литри, подарок од винаријата „Тиквеш“ која е поставена на кружниот тек на еден од влезовите во градот, како симбол на лозарството и производството на вино.
Додека општините се подготвуваат за неколкудневни активности и прослави во чест на лозарите, самите лозари зад себе оставија една тешка година, со проблеми околу откупот на грозјето, ниски цени, исплата на рати… Во ек на гроздоберот, додека со денови чекаа во колони пред визбите и откупните пунктови и молеа да им биде откупен родот, голем број од нив најавија дека планираат да ги ископачат лозјата, бидејќи лозарството им е финансиски неисплативо. Многу од нив го оставија родот на лозјата, појаснувајќи дека според пресметките, повеќе ќе потошат околу организирање на бербата, отколку што ќе заработат.
Грозјето лани се откупуваше по цени од 11 денари за смедеревка, и 13 денари за килограм картошија. Тогаш заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, најави дека во закон ќе биде внесено 20 проценти од грозјето да биде платено по откупот и тоа до 15 декември. Доколку не се почитува тој договор, за винарите ќе има казна од десет проценти. Следната исплата беше предвидена до 15 февруари и тоа 40 проценти од вредноста на количината на откупено грозје.
Последната рата да биде до крајот на април кога треба да бидат исплатени уште 40 проценти од грозјето. Доколку не се почитуваат тие рокови, било договорено со винариите да има 10 отсто пенали кои треба тие да ги плаќаат. Исто така договорено било оној кој ќе договори откуп на количина грозје со винариите, доколку сака исплата веднаш во рок од 7 дена по извршениот откуп, да му биде исплатено грозјето со осум проценти намалување од договорената цена.