Денеска во Владата беа потпишани договорите помеѓу министерствата и општините кои учествуваа во јавниот повик, ги исполнија условите и добија средства од проектот во вкупна вредност од 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините.
Како што кажа премиерот Мицкоски, дел од тие средства ќе бидат реализирани во овој буџет, останатиот дел дополнет со оние средства коишто недостигаат ќе биде со следниот буџет за следната година.
Општините кои не успеале да ја комплетираат целата документација имаат рок тоа да го сторат до 15 ноември.
„Согласно првиот повик кој го објави Министерството за локална самоуправа денес склучуваме договори за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4.1 милијарди денари. Денес се потпишуваат договорите кои се темелат на шест владини одлуки, поделени на шест клучни ресори, каде што овие пари ќе бидат инвестирани во изградба на проекти“,рече Мицкоски.
Тој појасни дека предвидени се 133 милиони денари предвидени за реконструкции, изградби и модернизирање на училишта и спортски сали и унапредување на условите за образование. Со оваа одлука опфатени се општините Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње, Кичево и други.
За транспорт ќе се инвестираат 2 милијарди и 800 милиони денари, а опфатени се општини како Берово, Аеродром, Битола, Брвеница, Богданци, Босилово, Бутел, Валандово, Вевчани, Велес, Врапчиште, Гази Баба, Гевгелија, Гостивар, Градско, Дебар, Делчево, Демир Капија, Дебарца, Демир Хисар, Дојран, Долнени, Ѓорче Петров, Желино, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карпош, Карбници, Крива Паланка, Крушево, Маврово и Ростуше и други. Овие проекти се инвестиции во локална патна мрежа, коловози, патеки, пристапни улици.
Од областа на Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе се инвестираат околу 59 милиони денари за изградба на нови детски градинки во Петровец и Гази Баба.
За проекти од областа на спортот се потпишуваат договори во висина од 220 милиони денари и тоа за изградба на центри за спорт, рекреативни паркови, и спортски сали во општини како Вевчани, Демир Хисар, Центар, Битола, Кавадарци, Чашка и други.
За културата и туризмот за што се предвидени близу 200 милиони денари, кои се однесуваат на реставрација на културни знаменитости, туристички атракции, музеи, домови на култура во општините Гевгелија, Пехчево, Радовиш, Гази Баба.
Шеста ставка се проекти од областа животната средина и просторното планирање за што ќе се инвестираат близу 630 милиони денари, за инвестиции во изградба на атмосферски и фекални канализации, колектори, нови водоводи, регулации на реки и други проекти. Со оваа одлука, како што кажа Мицкоски, се опфатени општините: Василево, Берово, Шуто Оризари, Пехчево, Пробиштип, Тетово, Бутел, Могила, Делчево, Врапчишта, Липково, Кисела Вода, Чаир, Арачиново, Охрид, Росоман, Чучер Сандево и други.
Средствата се дел од унгарскиот заем што на 8 октомври во Будимпешта во име на Владата го потпиша министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Останатите 250 милиони евра од унгарскиот заем треба да бидат наменети за бизнис секторот.