Скопската општина Аеродром, но и Гостивар ќе добијат в.д. градоначалници до редовниот термин за локални избори во октомври 2025. година, доколку Арбен Таравари и Тимчо Муцунски станат министри. Советот на таа функција ќе избере еден од своите советници.
Во Сарај, вршителот на должноста веќе ги презеде градоначалничките обврски. Советникот Иљас Весели доаѓа на местото на градоначалникот Блерим Беџети, кој ќе оди во пратеници.
Коалицијата „Вреди“ предлага да нема предвремени избори доколку градоначалникот што заминува отслужил половина од својот мандат, односно, доколку до редовниот термин за локални избори има помалку од две години. Во Законот за локална самоуправа и во Изборниот законик тој рок сега е 6 месеци.
Арбен Таравари веќе најави дека ја напушти градоначалничката позиција во Гостивар, како и дека се враќа на министерската функција во здравство.
Според него, веќе се поднесени измени за актуелниот Закон за локална самоуправа, со кој се предвидува дека в.д градоначалник може да биде поставен само во рок од 6 месеци.
„Предложивме промени во Законот за локална самоуправа, не само за општина Гостивар, се работи и за Сарај и некои други општини (Аеродром) во кои, според овој закон, треба во ноември или декември годинава повторно да има избори. Сметам дека двапати во годината да имаме избори е само трошок и малтретирање на граѓаните. Доколку градоначалникот во една општина го поминал повеќе од половина од мандатот треба да се овозможи в.д. градоначалникот да има можност да ја извршува функцијата двапати по шест месеци“ – рече Таравари.
Со тоа, според него, истиот в.д. градоначник ќе има мандат од двапати по шест месеци, решение кое очекува да биде поддржано и од другите партии.