Општина Велес дошла до сознанија дека зад зголемениот број на пријави за каснувања од улични кучиња стои добро организирана група, која нашла начин да се дојде до лесни пари преку сценирање на каснување.
Поради тоа, секое пријавено каснување од бездомно куче станува предмет на истрага на Основното јавно обвинителство Велес, соопштија од општината.
-Се зголемува бројот на каснати граѓани од кучиња скитници кои бараат отштета од локалната самоуправа. Зголемен е и бројот на постапки кои Општина Велес ги води по иницијатива на граѓани каснати од улични кучиња. За дел од нив постои сомнеж дека зад овие немили настани стои добро организирана група на луѓе која на нелегален начин се обидува да се стекне со парични средства и на тој начин да го оштети буџетот на Општина Велес.
Општина Велес има сознанија дека организираната група се состои од доктори, медицински персонал, вештаци, претставници на Министерството за внатрешни работи, адвокати кои се вклучени во постапката за лесна заработувачка преку исценирани каснувања од кучиња скитници, информираат од општината.
Додаваат дека бројни примери потврдуваат дека дел од граѓаните ја злупотребуваат состојбата со цел да се стекнат со финансиски средства, за жал на мошне бизарен начин. Нивната бесмисленост оди дотаму што пријавуваат напад од улично куче и кога ќе ги касне нивното домашно милениче. Граѓани со гребаница пријавуваат напад од куче без да постои доказ од што е настаната и започнуваат постапка за обештетување од Општина Велес. При самиот преглед на раната, на овие граѓани им се укажувало како да се произнесат во извештајот, кој адвокат да ги застапува и кое вешто лице да изврши вешт наод.
-Во консултации со медицински експерти и правни експерти од медицинска област е укажано дека зачудува дел од содржината на доказите кои „оштетените“ граѓани ја употребуваат за да бараат штета. Така, во медицинските извештаи во делот анамнеза зачудува како може медицинските лица да констатираат дека се работи за рана или повреда од улично куче, па мислењето е дека без прецизно да биде утврдено тоа, медицинските лица во делот анамнеза можат само да наведат дека по кажување на граѓанин истиот е каснат или не од улично куче, а не дека тоа е утврдено од нивна страна.
Секоја пријава за напад и каснување од куче скитник да се испита од страна на стручни лица, да се изврши фотографирање на раната од страна на специјализирани служби на МВР СВР Велес и да се даде детален опис на истата. Да се бара податок за приближно точно време на каснувањето и точна локација на настанот за да може да се изврши проверка преку видео снимки од околните објекти или од лица што се затекнале на местото на настанот. За надминување и искоренување на ваквата појава неопходна е системска и институционална соработка (Општина Велес, МВР-СВР Велес, Општа болница Велес, Брза помош Велес и Јавно обвинителство Велес).
Општина Велес ќе ги употреби сите правни механизми да ја испита негативната појава која се повторува и зголемува од година во година и доколку се утврди дека е вистина ќе ги преземе сите законски мерки против учесниците во организираната група, соопштија од општината.
Вики Клинчарова