Советот на општина Валандово за в четврток закажал седница, на која ќе се зборува за рудникот за катоден бакар во месноста Казандол, но не и за барањето на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ да се распише референдум на кој граѓаните ќе кажат дали сакаат на еден километар од градот да има рудник, објави порталот СДК.
Членовите на иницијативата велат дека на седницата закажана в четврток, поканет е само инвеститорот, а таа е затворена за јавноста.
„Според нашите информации, јавноста е исклучена од седницата закажана в четврток, на која не е ставено како точка на дневен ред нашето барање да се донесе одлука за распишување референдум. На седницата ќе се зборува за тоа колку е значајно да има рудник во овој регион и дека еколошки ќе биде заштитен, но не и за нашето барање. Не ни е јасно зошто воопшто закажуваат седница со ваква точка на дневен ред“, велат од „Спас за Валандово“.