Денешната најавена презентација на предлог-деталниот урбанистички план за Мал ринг ги скара, од една страна, архитектите и дел од советниците во Центар и од друга раководството на општината.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија побара од градоначалникот на општината, Саша Богдановиќ, и од претседателката на општинскиот совет, Цветанка Симобовска, да го повлечат и преработат Предлог – детaлниот урбанистички план. Според архитектите станува збор за „објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака се спорни“, поради што сметаат дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот.
Со предложениот план, велат од асоцијацијата, се дава потврда и реафирмација на изградениот, но како што велат што е уште пострашно на неизградениот дел од проектот „Скопје2014“, од кој ова здружение се огради уште кога беше презентиран.
Против планот се побуни и поранешната претседателка на Советот на општината, Јана Белчева, велејќи дека е избрзан проект со низа проблематични решенија.