Општина Центар воопшто не е запознаена, ниту пак учествувала во ноќното тајно поставување на трите споменици албанските дејци, реагираат денеска од општината.
„Во својот добро препознатлив стил, ноќе, за викенд и пред празник, далеку од очите на јавноста, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги постави преостанатите три споменици, нарачани од претходното раководство на општина Центар“, стои во реакцијата од општина Центар.
Па така синоќа во еден часот по полноќ министерството за локална самоуправа придружувано од представници на општината Чаир направи упад во општината Центар и постави споменици на албански дејци кои беа предвидени со проектот Скопје 2014.
Во паркот Жена Борец е поставен споменик на албанскиот писател Пјетр Богдани, а од Фиренца пристигнаа и другите два споменици, на Неџат Аголи и Јосиф Багери кој се поставува кај новиот театар.
Од општина Центар велат дека според склучениот договор меѓу претходното раководство на општината и леарницата „Гуастини“, надлежна за изработка, транспорт и поставување на спомениците е исклучиво леарницата.
„Според медиумите, општина Чаир ја преземала улогата да асистира и да го реализира ова ноќно поставување, што е целосно спротивно на законот и надлежностите. Поради тоа, градоначалникот на општина Центар денес ги задолжи надлежните инспекциски служби да ги истражат овие наоди. Доколку се констатира дека општина Чаир бесправно ги поставила спомениците, кон неа ќе бидат преземени сите законски мерки, вклучувајки и кривична одговорност“, се додава во соопштението.