Општина Центар: Споменикот на Ќосето е отстранет бидејќи бил дивоградба!

by fokus

Од Општина Центар преку соопштение информираат дека во текот на ноќта од пред Врховниот суд, во центарот на Скопје, е отстранет споменикот на  Андон Јанев Ќосето, со појаснување дека станувало збор за дивоградба.

-По детално испитување на фактичката состојба, надлежните  служби во општина Центар донесоа решение дека се работи за дивоградба. При увидот на овластениот градежен инспектор на општина Центар е констатирано дека спомен обележјето не е поставено на одобрената микро локација и издаденото решение од страна на град Скопје, се вели во соопштението.

Оттаму посочуваат дека одлука за поставување на ваков споменик можело да донесе само Собранието, а не Општина Центар како што било во случајот.

-Одлуката за подигање на спомен обележје на Андон Јанев Ќосето ја донел Советот на општина Центар на 28.12.2012 година. Тука е направено и основното прекршување на законот, бидејќи во член 1 стои дека одлуката се носи заради одбележување на делото и оддавање почит на македонскиот комита и револуционер од илинденскиот период Андон Јанев Ќосето. Според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата. Меморијален споменик може да подига Собранието на Република Македонија, Советот на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје за одбележување со спомен-обележја на настани и личности што се од локално значење, донесува програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја, појаснуваат од Општина Центар, од каде што додаваат дека решението за поставување на спомен обележјето  на Андон Јанев Ќосето е донесено од поранешниот Совет на град Скопје на седница одржана на 14.07.2014 година.

Поврзани новости