Општина Центар соопшти дека рано утрово почнале со чистење на сметот низ општината, а во акцијата се вклучија речиси сите вработени од комуналната служба во ЈП „ПОЦ“ . со целата механизација како и голем камион за кревање на контејнери.
Стартот на акцијата, како што велат од Центар, ја водел градоначалникот Горан Герасимовски. Од Општината соопштија дека покрај собирање на ѓубрето на терен, пуштена и цистерната која ги мие контејнерите и просторот околу нив каде имаше натрупано вреќи со отпад кои предизвикуваат непријатна миризба.
„Уште рано наутро почнавме со чистење низ цел Центар. Во сите населби има преполни контејнери и дојави од граѓани стигнуваат од секаде. Целата механизација е на терен и очекувам денеска да се исчисти голем дел од општината. Оваа ситуација во која се наоѓаме сите општини несмее да се повтори затоа денеска со сите градоначалници ќе разговараме за одземање на ингеренциите на ЈП ‘Комунална хигиена’. Воедно им се заблагодарувам и на сите вработени кои со зголемени капацитети се вклучија во акцијата за побрзо чистење на општината“, изјави Герасимовски.
Градоначалникот на Центар уште вчера најави чистење на општината со сопствени ресурси и ги поттикна другите градоначалници да го направат истото.