Градоначалникот на скопската Општина Центар, го поништи решението за градба на „Шпанските скали“ на инвеститорот „Амадеус Девелопмент“ ДООЕЛ – Скопје, соопштија од општината.
Решението за градба веќе еднаш беше поништено во 2018, кога инвеститорот се жалеше до Управниот суд кој го врати предметот на повторно одлучување во Општината.
Одобрението за градење на деловен и комерцијален објект се однесува на просторот од плоштад „Македонија“ кон Градскиот трговски центар (ГТЦ).
Во донесеното решение за поништување на дозволата е наведено дека инвеститорот не пријавил отпочнување на градба, согласно член 67 од Законот за градење, ниту пак отпочнал со градба во рок подолг од две години од правосилноста на одобрението, согласно член 66 став 1 од Законот за градење, според кој одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно.