Директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, Саша Богдановиќ и претседателот на Здружението за поддршка и помош на социјално исклучените и сиромашни лица „Храна за сите – БХМ“, Душко Христов, денеска потпишаа меморандум за соработка преку кој ќе им помогнат на социјално загрозените лица.
Преку формирање на „Банка за храна“ на локално ниво, тие се обидуваат да создадат услови за заедничко делување и посветеност во борбата против сиромаштијата и гладот кај локалното население кое спаѓа во категоријата на социјално загрозени и сиромашни лица.
Целта на потпишувањето на меморандумот е да се подигне свеста за општествената одговорност, да се зајакне свеста на локалната заедница за значењето на средината во која не би постоеле гладни лица, ќе се зајакне хуманоста и помагањето на социјално загрозените лица.
ЈП ПОЦ и „Храна за сите – БХМ“ заеднички ќе соработуваат и делуваат за остварување на следните цели: обезбедување на храна и прехранбени производи од компании и деловни субјекти кои тргуваат со храна; донирање на обезбедената храна на оние категории на кои најмногу им е потребна; подигнување на хуманоста на граѓаните и намалување на степенот на глад кај социјално загрозените и сиромашни лица, организирање на заеднички хуманитарни акции и унапредување на соработката со други заинтересирани субјекти.