Општина Центар го поздрави конструктивниот протест кој вчера го одржаа граѓаните и каде побараа ослободување на тротоарите од возила во Дебар Маало. Од Општината велат дека барањата се целосно оправдани и дека работат на справување со проблемот во оваа населба.
Од Центар најавуваат монтажен паркинг помеѓу општината и Министерството за Одбрана, со влез и излез од улицата „Орце Николов“. Паркингот ќе обезбеди место за 270 до 290 возила. Се со цел пренасочување на паркирањето и ослободување на тротоарите.
„Пред да се постават заштитни столпчиња на сите улици и се поврзат во целосна пешачка мрежа, ќе се изработи студија за мерење на сообраќајот и проекција за потребниот паркинг простор за резидентите. Од оваа студија ќе се подготви решение за целиот кварт. За конечна имплементација на решението ќе биде потребно заедничко делување на повеќе институции со различни надлежности“, велат од Општината.
Од таму додаваат дека уште еднаш ќе иницираат формирање на кооридинативно тело со претставници од сите надлежни институции, во кое ќе членуваат претставници од Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ПОЦ за да се изработи план за имплементација на решението.
„Претставници на граѓаните се добредојдени да учествуваат во ова тело, но и да даваат сугестии во фаза на изработка на решението. Општина Центар веќе презема некои мерки за смирување на сообраќајот во Дебар Маало, како што е Зона 30. За жал, заради лоша соработка со претходната власт и недоволна контрола од страна на тогашното МВР, ограничувањето не се почитуваше во целост“, посочуваат од таму.