Според досегашните информации од министерството за здравство речиси половина од болните од Ковид 19, се регистрирани во Скопје, додека пак околу 20 отсто се во Тетово, а останатите заразени се од различни делови на Македонија.
– Состојбата во Тетово е загрижувачка, ние денеска ќе одржиме Кризен штаб, а потоа ќе дадеме информации за мерките кои ќе се преземат во борбата со короната, одговорија во разговор за „Фокус“ од кабинетот на градоначалничката на општината, Теута Арифи.
Градот во изминатиот период беше актуелен по јавните снимки и фотографии дека воопшто не се почитува полицискиот час, дека дури и полицијата е „соучесник“ во неговото кршење бидејќи се дозволува слободно шетање на граѓаните, без заштита, работеа продавници и слично.
Досега Арифи не излезе на официјална прес конференција и по бројните прозивки за масовно непочитување на мерките. На смс пораката испратена од редакцијата на „Фокус“ одговорија од Кабинетот информирајќи дека деталите за понатамошни мерки ќе бидат достапни по состанокот на Кризниот штаб во 11 часот.
Според податоците на Министерството за здравство, во последните две недели, 47,9 отсто од новите случаи се од Скопје, а 19,3 проценти од Тетово. Куманово, кое до скоро беше најкритично, сега има само 7,1 отсто од новите случаи во последните две недели. Од остатокот од државата, каде живее повеќе од половината на населението во земјава, доаѓаат останатите 25,8 проценти од новозаболените.
Соња Танеска