Најпопуларната забавна манифестација во Прилеп, фестивалот на пивото кој годинава го носи името „Prilep Beer Weekend“ ќе се одржи од 9-ти до 11-ти август.
Локацијата е во центарот на Прилеп, на плоштадот Александрија, а организатор ќе биде продукцијата Евент Груп.
Од Општина Прилеп информираат дека ќе ја поддржат манифестацијата со буџет од еден милион денари, а ги најавија и музичките гости.
-Богата програма со околу 20 изведувачи на различни жанрови на музика, со цел да се задоволат вкусовите на сите посетители, истакнаа организаторите.
Откриваат дека помеѓу музичките гости се Ван Гог, Сања Вучиќ, Амадеус Бенд, Наум Петрески, Суперхикс, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, Таско, Том Нови, диџеј Боно, Огнен Здравковски и други.
На прес конференција и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, соопшти дека градот е подготвен за еден од најголемите фестивали на пивото и скарата во Македонија и на Балканот.
-Јавен ред и мир, паркинг, хигиена, водоснабдување, вклучени се сите јавни комунални претпријатија и градот ќе биде максимално подготвен. Со организаторот потпишавме меморандум за соработка и обезбедена е одлична музичка програма, истакна Јовчески.
Вики Клинчарова