На градскиот плоштад „Методија Андонов- Ченто“, во Прилеп, ќе никне споменик на Крали Марко изработен во бронза. Според податоците објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки, изградбата и поставувањето на постаментот за споменикот ќе чини 50.000 евра, а фирма подбедник на тендерот е „Крин КГ“ од Прилеп. Засега нема податоци колку ќе чини изработката на споменикот, а општината објави и склучен договор според кој ќе се потрошат и 55.000 евра за архитектонско и партерно уредување на плоштадот.
Пред само една недела, локалните власти за да направата место за споменикот, ја срушија фонтаната на градскиот плоштад „Методија Андонов-Ченто“ која беше изградена пред седум години.
Според директорот на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови (ЈП за ПУП) Бранко Нешкоски, фонтаната се урнала затоа што, како што рече, „ја нарушувала визурата на Градскиот саат“, а во известувањето на јавното претпријатие по однос на носењето Одлука за подигање спомен-обележје на Крал Марко пишува: „Во рамките на овој проект се предвидува и рушење на постојната фонтана на ЈКП „Водовод и канализација“ и поплочување со гранитни плочки во постојниот манир“.