Општина Охрид денеска продолжи со активностите за отстранување на бесправните објекти на плажите на потегот од хотелот „Метропол“ до селото Пештани, информираше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
„Конечно воведуваме ред на охридското крајбрежје, кое долги години наназад беше узурпирано. Ги ослободуваме плажите од нелегални градби, платформи, ѕидови и овозможуваме нивно непречено користење. Граѓаните ќе можат слободно да ги користат плажите без нелегално наплаќање на влез, лежалки и паркинг. За таа цел денеска продолжуваат активности за отстранување на бесправните објекти на плажите на потегот од хотел „Метропол“ до селото Пештани“, порача Георгиевски преку фејсбук.
Владата соопшти дека ги поддржува активностите за отстранување на бесправните градби на охридското крајбрежје кои ги изведува Општина Охрид, со што, велат од Илинденска, ги потврдува своите заложби за посветено исполнување на препораките на УНЕСКО и за имплементацијата на „Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион“.
„Владата на Северна Македонија веќе обезбеди средства во износ од шест милиони денари за отстранување на бесправните објекти кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското езеро кои ја нарушуваат природната и културна автентичност на регионот. Активностите за отстранување ќе ги опфатат физичките или правните лица кои имаат добиено решение за отстранување на бесправно изграден објект и не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при инспекторатот на Општина Охрид“, велат од Владата.