Две нови возила од марката Цитроен доби Општина Неготино, набавени за околу 26.000 евра, од кои општината обезбедила околу 11 илјади евра, а пак останатите 15 илјади евра биле обезбедени од Министерството за локална самоуправа-Биро за регионален развој.
Новите автомобили ќе се користеле за потребите на локалната самоуправа, како и за потребите за промоција на винскиот, АПИ и еко туризамот на подрачјето на општината.
Истите биле набавени преку проектот за развој на селата „Зајакнување на човечките капацитети со користење на економични возила за промоција на алтернативниот туризам во руралните подрачја”, во соработка на општината со Министерството за локална самоуправа-Биро за регионален развој преку Програмата за рамномерен регионален развој.
Како што појаснува за ,,Фокус” градоначалникот д-р Горан Стојанов, општината располагала со стар возен парк, а возилата често пати се носеле на сервисирање.
Вели дека општинскиот возен парк располагал со Југо 45, со Пежо 407 кое било 16 години старо, имале стара Лада Нива, а градоначалникот се возел со Пасат купен во 2014 година, во време на градоначалничкиот мандат на Ванчо Апостолов.
-Новите возила се набавени со цел вработените во локалната самоуправа да можат непречено на терен да си ги извршуваат работните задачи, бидејќи со застарениот возен парк често имавме дефекти.
Станува збор за еколошки и економични автомобили, но ќе си го чуваме и старото Југо, како и Ладата и Пежото, кои долги години се дел од општинскиот возен парк.
Јас како градоначалник, останувам да го користам Пасатот, кој беше набавен пред девет години, значи новите автомобили ќе бидат во служба на локалната самоуправа и значително ќе ги скратат трошоците кои во минатото се јавуваа поради често сервисирање на старите возила – изјави градоначалникот.
Вики Клинчарова