Општина Кисела Вода: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја прекинаа седницата за ребаланс на буџетот, а ги извисија и децата на загинатите бранители од 2001 година

by fokus

Со големо разочарување од однесувањето на советниците на ВМРО ДПМНЕ, сакаме да ја известиме јавноста, а пред се жителите на општина Кисела Вода дека денешната, 43-та седница на Советот на општината беше прекината, информираат од Општина Кисла Вода.

Во продолжение соопштението од општината:

„Водејќи се од лични теснопартиски интереси, советниците од опозицијата одлучија да ја напуштат седницата на која денес требаше да се донесат битни точки, пред се’, ребалансот на буџетот. Со овој дрзок чин, се оневозможува реализација на крупни проекти од сите сфери на живеењето, функционирање и развојот на општината.

Имено, советниците од ВМРО ДПМНЕ денес оневозможија изгласување на изградба на фекални канализации во повеќе урбани заедници, реконструкција на улици, ја одложија изградбата на детска градинка во населбата 11 Октомври згради, ги извисија дури и децата на загинатите бранители од 2001-та кои беа дел од денешниот дневен ред и на кои требаше да им се додели парична помош.

Зад маската на загриженост, лицемерно лажејќи ја јавноста, советниците на опозиционата ВМРО, ги казнија сите жители на општина Кисела Вода, науштајќи ја седницата, бидејќи знаеја дека ќе нема кворум поради тоа што една од советничките од владејачката гарнитура доби заменик министерско место во новата Влада, што значи дека на оваа седница требаше да се верификува и нов советнички мандат.

Сакаме да ги прашаме овие лица кои се изгласани од народот да носат одлуки за народот, до кога заради ситни политички поени на нивната партија ќе ја блокираат работата на општина Кисела Вода? Дали не разбираат дека најважни се граѓаните, а не политичките гарнитури? Дека приоритет треба да има реализацијата на проектите кои имаат за цел да им обезбедат бенефит на жителите, а не евтиниот политички маркетинг диктиран од нивното партиско раководство?

Како поддршка на горекажаното, ви го праќаме дневниот ред чии точки денес требаше да подлежат на дискусија и гласање. Судот, ќе го донесете самите.

ПРЕДЛОГ-ДНЕВЕН РЕД ЗА 43-ТА ПЛЕНАРНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА

-Усвојување на Записникот од 41-та пленарна седница

-Усвојување на Записникот од 42-та пленарна седница

1.Годишен извештај за работа на ЈДГ ,,8 Март,, на Општина Кисела Вода во Град Скопје за учебната 2019/2020 година;

2.Годишна Програма за работата на ЈДГ ,,8 Март,, на Општина Кисела Вода во Град Скопје за учебната 2020/2021 година;

3.Годишен извештај за работа на ЈДГ ,,Весели Цветови,, на Општина Кисела Вода во Град Скопје за учебната 2019/2020 година;

4.Годишна Програма за работата на ЈДГ ,,Весели Цветови,, на Општина Кисела Вода во Град Скопје за учебната 2020/2021 година;

5.Давање согласност на измената на годишниот план за вработување за 2020 година на Општина Кисела Вода;

6.Предлог-Одлука за распишување јавен конкурс за иницијативи и предлози за поставување спомен-обележја на настани и личности во Општина Кисела Вода за периодот 2020-2025;

7.Предлог-Програма за измена и дополна на Развојна Програма – Програма од надлежност В – предучилишно воспитување и Програма ВА-предучилишно воспитување – капитални трошоци-изградба на нов објект – детска градинка во населба 11 Октомври згради, Општина Кисела Вода за 2019-2021 година;

8.Предлог- Програма измена и дополнување на Програмата (Ј) – Комунални дејности на Општина Кисела Вода за 2020 година;

9.Предлог- измена и дополна на Развојна подпрограма ЈИА изградба на фекална канализација за село Усје во Општина Кисела Вода за 2020-2021 година во Програмата (Ј) – Комунални дејности-ЈИ изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води;

10.Предлог- измена и дополна на Развојна подпрограма ЈЕА изградба на нов објект-катна гаража во населба Расадник во Општина Кисела Вода за 2020-2022 година во Програмата (Ј) – Комунални дејности ЈЕА изградба на простор за паркирање;

11.Предлог-Развојна подпрограма ЈДА-реконструкција на улица Наум Охридски во населба Црниче Општина Кисела Вода за 2020-2023 година во Програмата од надлежност (Ј) – Комунални дејности;

12.Предлог- Развојна подпрограма ЈИБ изградба на фекална канализација за н.Градинар во Општина Кисела Вода за 2020-2022 година во Програмата (Ј) – Комунални дејности-ЈИ изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води;

13.Предлог-Одлука за измена и дополнување на Буџетот на Општина Кисела Вода за 2020 година;

14.Предлог-Одлука за вклопување на бесправно изграден објект на КП 129/2 КО Усје со усогласување на намената;

15.Предлог-Одлука за вклопување на бесправно изградени објекти на КП 12215/1 КО Драчево 2 со усогласување на намената;

16.Предлог-Одлука за давање на согласност за отстранување на постоечки објекти во сопственост на Општина Кисела Вода заради изградба на ул.Есенинова на потег од Бул.3-та Македонска бригада до раскрсница со Бул.Борис Трајковски;

17.Предлог-Одлука за одобрување средства како еднократна парична помош на Филип Илиевски, дете на загинат бранител од конфликтот во 2001 година;

18.Предлог-Одлука за одобрување средства како еднократна парична помош на Рената Трпковска, дете на загинат бранител од конфликтот во 2001 година;

19.Предлог-Одлука за одобрување средства како еднократна парична помош на Јана Трпковска, дете на загинат бранител од конфликтот во 2001 година;

20.Предлог-Одлука за одобрување средства како еднократна парична помош на Тамара Стојановска, дете на загинат бранител од конфликтот во 2001 година;

21.Предлог-Одлука за одобрување средства како еднократна парична помош на Мартин Стојчев, дете на загинат бранител од конфликтот во 2001 година;

22.Советнички прашања

Поврзани новости