Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски соопшти дека е поднесена прекршочна пријава во износ од 1 500 евра против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, поради ненавремено и нередовно собирање на отпадот во Општината.
Пријавата е поднесена од страна на советник, кој е комунален инспектор во Општина Кисела Вода, по направен вонреден инспекциски надзор на територија на Општината, а по претходно добиена пријава од граѓани.
„Постапувајќи по реакција на граѓани на Општина Кисела Вода, комуналниот инспектор на Општина Кисела Вода изврши увид на целата територија на Општината при што е констатирано дека давателот на услуги кој врши собирање комунален смет и безопасен отпад, спротивно на член 13 од Законот за комунални дејности, не го врши редовно собирањето на територија на Општина Кисела Вода за што е предвидена глоба согласно член 41 од Законот за комунални дејности. Од страна на комуналниот инспектор ќе биде издаден прекршочен платен налог во висина од 1 500 евра во денарска противвредност согласно член 41 став 1 алинеја 1 за правно лице од Законот за комунални дејности“, се наведува во записникот од извршениот инспекциски надзор во Кисела Вода.
Градоначалникот порача дека секое наредно непостапување, ќе значи нова прекршочна пријава.