Општина Кисела Вода доби казна од 90 илјади евра за истурање на ѓубре пред депонијата „Дрисла“

by Fokus

Општина Кисела Вода ќе треба да плати 90 илјади евра за непрописно одлагање отпад пред скопската депонија „Дрисла“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека за ваквиот небулозен потег на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска дознал преку медиумите и дополнува дека градските инспекциски служби биле под жесток притисок да ги казнат општините, кои пред три дена сами го чистеа отпадот од улиците и контејнерите, а повеќе детали најави дека ќе соопшти на денешната прес-конференција.

Минатата недела вработените во ЈП„Комунална хигиена“ излегоа на протест барајќи повисоки права и во знак на револт поради отпуштени колеги тие решија да не го подигаат сметот во Скопје. Градоначалниците на скопските општини од  ВМРО-ДПМНЕ пред три дена се самоорганизираа и почнаа со чистење на општините со кои раководат.

Градоналникот на Аеродром, Тимчо Муцунски и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кои со камионите со смет од нивните општини се упатија кон депонијата  „Дрисла“, од каде не им дозволија да го одложат сметот со објаснување дека овие општини немаат договор со претпријатието и дека договорите им се истечени во март годинава.

Тие по подолго време расправија со вработените во ЈП„Дрисла“ решија ѓубрето да го истурат пред капијата на претпријатието.  Муцунски и ѓорѓиевски појаснија дека имаат опција ѓубрето да го вратат во општините или да го истурат пред влезот на депонијата и дека тоа го прават на своја одговорност.

Следниот ден од ЈП депонија „Дрисла“ реагираа дека градоначалниците направиле кривично дело против животната средина со истурање на ѓубрето пред капијата.

Градоначалниците на скопските општини најавија дека ќе бараат депонијата да ги отвори и вратите за нив и дека и тие ќе ги чистат општините додека се нормализира состојбата во ЈП„Комунална хигиена“.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Градс Скопје најави дека на следната седница од управниот и извршниот одбор на „Дрисла“ ќе побараат да се поведе постапка против директорот на претпријатието.

Поврзани новости