Општина Карпош со блокиран буџет, вработените на протест

by fokus

Вработените во општина Карпош излегоа на протест против недонесувањето на Буџетот.

Велат со несовесно и противзаконско работење дел од советниците го загрозиле функционирањето на општината во секоја смисла на зборот.

-Ние вработените во општинската администрација, денеска се собравме јавно да го изразиме своето незадоволство и стравот од последиците поради недонесувањето на Буџетот на Општина Карпош за 2024 година. Причина за тоа е несовесното и противзаконско работење на дел од членовите на Советот, поточно на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Роберт Вељановски, Марјан Стефановски, Адријана Јакимовска Панчевска, Благица Цветановска, Христо Саракинов и Давор Грче, како и членот на Советот од Независните за Карпош, Невена Георгиевска и претседателот на Советот на Општина Карпош, Бранко Ристов, претставник на Левица. Оваа нивна непромислена одлука, која е спротивна на уставниот поредок на Републиката, спротивна на законските одредби и спротивна на Деловникот за работа на Советот на Општина Карпош, го доведува под знак прашалник целокупното функционирање на локалната самоуправа, порачаа на протестот.

Советниците во Советот на Општина Карпош на последната седница одржана на неколку дена пред истекот на 2023 година не го донесоа Буџетот за наредната година, затоа што процедурата беше закочена, откако на расправа се најдоа повеќе од 3800 амандмани поднесени од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ пред дваесетина дена ги поднесоа амандманите за, како што соопштија, времено да биде спречено донесувањето на Буџетот на Карпош, а со тоа и носењето на ДУП-овите за „Алумина“, Влае, Млечен и други ДУП-ови.

Поврзани новости