Општина Карпош реагира на обвинувањата: Станбениот објект е според план и ги има сите дозволи!

Како што претходно објави „Фокус“, објектот во непосредна близина на „Макпетрол“ во Карпош ќе биде со површина од 31.219 квадрати, што е за околу 2 третини помалку во споредба со она што го дозволува Деталниот урбанистички план.

by Фокус

Изградбата на станбен објект во Карпош, во непосредна близина на „Макпетрол“, предизвика низа реакции, вклучително и од Општина Карпош, која на почетокот на годинава му издаде одобрение на инвеститорот „ЗСФ-КОМ“ на бизнисменот Фатмир Етеми за градење на објект со доминантна намена домување, а предвидени се и деловни и трговски единици до 40 отсто.

Во Карпош ќе се гради висококатница со 3 пати помала површина од маркицата во ДУП-от!

Од локалната самоуправа на чело со градоначалникот Стевчо Јакимовски ги отфрлуваат тврдењата на советниците од Независни за Карпош и на Левица, истакнувајќи дека сите работи што ги кажуваат во врска со изградбата на станбениот објект во Карпош 3 се „неточни, невистинити, обична манипулација и бесчувствителна лага со цел ако може да се украде од народот некој ефтин политички поен“.

Не ни се верува дека ова може да го тврдат лица кои се повеќе од 2 години советници кои очигледно по толку голем напор барем нешто да им се објасни од урбанизмот, за жал, ништо не научиле, туку постојано ја пеат истата песна од предизборната кампања. Тие не научиле дека за да се издаде градежна дозвола за било каков објект најпрво истиот мора да биде предвиден со Генералниот урбанистички план кој го носи Градот Скопје“, велат од Општина Карпош.

Во конкретниот случај, додаваат од таму, на оваа локација со ГУП од 2012 година е предвидено домување, по што локалната самоуправа донесе Детален урбанистички план во 2013 година, со кој на оваа локација е предвидено колективно домување. За тоа, велат дека согласност дале Град Скопје, како и министерствата за транспорт и врски, за култура и за одбрана, а во меѓувреме Уставниот суд ја отфрлил иницијативата за оспорување на ДУП-от.

Има дури 4 согласности за оваа локација од надлежното министерство, а кои се однесуваат на урбанистичкиот план и на идејниот проект кој бил доставен до нив. На 21-ви ноември 2023 година Управата за заштита на културното наследство издала согласност, а потоа од Националната установа „Конзерваторски центар – Скопје“ тричлена комисија позитивно се изјаснила на 27-ми декември 2023 година“, објаснуваат од Општина Карпош.

Воедно, од таму додаваат дека лага се и тврдењата дека Градска општа болница „8-ми Септември“ е НАТО болница и дека нема да може да слетуваат хеликоптери, од причина што Министерството за одбрана на 8-ми ноември 2023 година дала позитивно мислење на идејниот проект, а тоа позитивно се изјаснило и при носењето на ДУП-от во 2013 година, кога на ова место била предвидена 11 ката повисока зграда од одобрената.

Лага е и дека предметниот објект ќе се гради на непрописно растојание на бензиската пумпа на Макпетрол, затоа што Макпетрол на 31-ви јануари 2024 година се изјаснил дека нема никаква забелешка на оваа градба и се откажал од право на жалба. За жал, независните советници и дел од советничката група на Левица даваат неточни и паушални оценки и квалификации со цел да создадат забуна“, велат од општината.

Исто така, нагласуваат дека градежна дозвола се издава по строго пропишани правила и мора да биде во согласност со сите законски и подзаконски акти и да подлежи на контрола од многу институции. Патем, потенцираат дека градоначалникот Јакимовски не ја потпишал градежната дозвола, затоа што претходно се откажал од овластувањата во урбанизмот и целокупната надлежност ја пренел на раководителите на секторот на 15-ти август 2023 година.

Со ова, градоначалникот Јакимовски е првиот функционер кој целосно своите овластувања ги пренесе на оние кои се експерти и во детали ги познаваат законските и подзаконските одредби, а тоа значи стручните служби одлучуваат и носат одлуки без било какво политичко влијание. Ова е единствен случај во Македонија каде еден функционер доброволно се откажал од правото да носи одлуки и да потпишува“, велат од општината.

Ваквата реакција следува откако граѓанската иницијатива Независни за Карпош и Левица за утре најавија протест против изградбата на овој објект, со образложение дека поднеле желби и претставки до повеќе институции за издаденото позитивно конзерваторско мислење за изградба на висококатница, но повеќето од институциите им одговориле дека не се надлежни за постапување.

Сега, нивните погледи се вперени во Министерството за култура со цел поништување на издаденото решение од Конзерваторскиот центар, затоа што, како што велат, Министерството е над Центарот и може да наложат да се поништи решението, па дури имаат надлежност и сами да го поништат. Од Култура, пак, велат дека за овој случај работна група е формирана уште во ноември и се постапува без одоговлекување.

Како што објави „Фокус“, овој објект ќе биде со површина од 31.219 квадрати, што е за околу 2 третини помалку во споредба со она што го дозволува ДУП-от, каде впрочем е вцртана градежна парцела со површина од 4.569 квадрати. Таму  е предвиден објект со намена А2-домување во станбени згради (габарит од 3.543 квадрати), со приземје, 26 ката и поткровје (П+26+пк) и висина од 88 метри. Максималната изградена површина е 99.204 квадрати.

Врз основа на овие параметри, инвеститорот изготвил урбанистички проект за постапката за издавање на одобрение за градба. Документацијата што ја обезбедивме покажува дека овој проект предвидува различен објект со поинакви карактеристики во споредба со планот. Не се проектира објект во форма на квадрат со еднаква висина, туку скалест објект на повеќе нивоа, при што делови одат во висина до 10, 16 и 17 ката, а еден дел ќе биде само приземје и еден кат.

Во т.н. општи урбанистичко-архитектонски услови се наведува дека тој ќе биде со габарит од 3.198 квадрати или 345 квадрати помалку од она што го дозволува ДУП-от. Потоа, урбанистичкиот проект предвидува и максимално изградена површина од 39.219 квадрати, што, пак е за 59.985 квадрати помалку во споредба со она што го дозволува планот. Со основниот проект, пак, се врши дополнително намалување на 31.958 квадрати.

Инаку, инвеститорот поднел барање за одобрение за градење на крајот на ланската година (22.11.2023), а Општина Карпош одговорила позитивно на почетокот на годинава (18.01.2024). „Фокус“ го обезбеди и одобрението кое му е издадено на „ЗСФ-КОМ“, но и на уште една компанија – „Делта 2015 Констракшн“, формирана во 2015 година. Порано, оваа компанија беше во сопственост на „Орка Холдинг“ на семејството на Орце Камчев.

Но, во меѓувреме дошло до промени. Денес, како нејзин единствен сопственик се јавува Александар Николиќ, кардиохирург кој е дел од „Аџибадем Систина“, каде „Орка“ е малцински сопственик. Како управител, пак, се јавува Дејан Каначковиќ, кој истовремено фигурира и како управител и на „О.К. Сервис“ во сопственост на „Кара“, чиј сопственик пак е „Орка“ на Камчеви.

Всушност, „Делта 2015 Констракшн“ е сопственик на земјиштето каде треба да се гради новиот објект. Станува збор за локација опфатена со катастарските парцели со број 1801/3 и 1801/5. Практично, оваа компанија со „ЗСФ-КОМ“ склучила договор за заедничка градба со отстапување на право на градење, кој е составен дел од барањето за издавање на одобрението за градба, заедно со потребните проекти, елаборати, согласности од институции…

На тој начин, „Делта 2015 Констракшн“ му го отстапува правото на „ЗСФ-КОМ“ да го изгради објектот, во замена за соодветен дел/број на станови, деловни простории и трговски единици. Како што велат од компанијата, нивната цел е да изградат модерен објект согласно сите урбанистички стандарди, кој ќе се вклопи во моделот за хумано живеење.

Свесни сме дека имаше отпор и реакции во јавноста за овој проект, но за дел од забелешките имавме слух и затоа ќе градиме објект со далеку помала квадратура од она што го дозволува важечкиот план, кој ќе даде нов лик и нова димензија на тој дел од градот. Се работи за објект кој главно ќе биде за домување, со сите стандарди во делот на урбанизмот, со уредено сообраќајно решение“, ни одговорија од „ЗСФ-КОМ“.

Во Карпош ќе се гради висококатница со 3 пати помала површина од маркицата во ДУП-от!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости