Општина Илинден ќе биде дел од општествено одговорната кампања на „Макпетрол“

by Fokus

Работилници против врсничко насилство ќе се одржат и во Општина Илинден, која што се приклучува на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. Учениците кои што посетуваат настава во образовните установи во оваа скопска општина, ќе се стекнат со знаења за булингот. Овие едукативни средби ги предводи психолог со практично искуство на темата и работа со лица кои што се соочиле со врсничкото насилство. Александар Георгиевски, градоначалник на Општина Илинден и Марија Јосифовска-Спасовска, член на управен одбор и директор во „Макпетрол“ потпишаа меморандум за соработка.

– Кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ вклучува повеќе сегменти, од комуникациски материјали до едукативни работилници. Сите тие се значајни и на свој начин придонесуваат да се зголеми интересот за булингот, меѓутоа, тоа што нам ни е особено драго, е препознавањето на вредностите на оваа наша активност и желбата во неа да се приклучат чинители од сите делови од Македонија. Тоа потврдува дека идејата за една ваква кампања е вистинскиот пристап за зголемување на интересот за одредени општествени проблеми, но и за обезбедување поддршка на заедницата, особено на децата и на младите. Општините и нивните образовни установи, како наши партнери, стануваат дел од кампањата, а учениците, заедно со останатите што се вклучени во едукативниот процес, со наша поткрепа придонесуваат да се подобри ситуацијата со врсничкото насилство – вели Јосифовска-Спасовска.

Охрид, Виница, Битола, Штип, Бутел, Петровец и Чучер-Сандево од почетокот на годинава се приклучија во општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. До крајот на 2023 компанијата потпиша меморандуми за соработка и со Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, како и Ѓорче Петров. Вкупно 16 општини и нивните училишта досега станаа дел од „Крени глас против врсничко насилство“. Во рамки на кампањата неколку илјади ученици од над 40 училишта веќе се здобија со знаења за булингот преку работилниците со психолог. Во останатите истите се во тек и ќе се одржуваат во периодот што следува.

Учениците, како и стручните служби, во текот на работилниците ги разгледуваат повеќето аспекти на булингот. Притоа, младите, наставниците, но и психолозите и педагозите, се запознаваат со формите на врсничко насилство, како што се физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството. Една од клучните цели на овие едукативни средби е тоа што стручните служби имаат прилика да се стекнат со знаења кои што потоа можат да се применат во секојдневната настава. Како и во останатите општини, така и во Општина Илинден „Макпетрол“ ќе испечати и достави и едукативен материјал за булингот.

Носечки дел на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ е вебсајтот kreniglas.mk. Оваа интернет-платформа содржи детални информации, совети и искуства кои што можат да помогнат булингот да се препознае, учесниците со него полесно да се соочат, како и потенцијално да се дојде до решенија на проблемот. Кога е во прашање оваа тема, анонимноста е особено значајна. Со таква можност, без да го открие својот идентитет, секој што сака или чувствува потреба, може на вебсајтот да ја раскаже својата приказна поврзана со булингот.

„Макпетрол“ со кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ остварува еден од своите страешки приоритети – општествената одговорност. Преку пораката „Стоп за булинг“ компанијата цели кон поттикнувањето на дискусијата и зголемување на интересот за проблемот со врсничкото насилство. Голем број општини и образовни установи од сите делови на земјата веќе ги препознаа овие вредности и активно се приклучија во кампањата.

Поврзани новости