Од Општина Гевгелија реагираат на одржаната прес конференција на ОО на СДСМ од Гевгелија, на која обвинија дека градежните машини во овој град работеле само во предизборието.
„Им порачуваме на ОО на СДСМ од Гевгелија дека нивната констатација изречена на нивната последна прес конференција дека на народот му е преку глава е потполно точна. Но, за нивна жал, на народот во Македонија му е преку глава од двегодишната опструкција која тие ја прават обидувајќи се на сила да дојдат на власт. На граѓаните пак од Гевгелија им е преку глава од вакви „шарени„ прес конференции на кои ОО на СДСМ Гевгелија се обидува да ги убеди, безуспешно, гевгеличани дека се она што го гледаат изградено во општината изминативе седум години, не е вистина туку некаква си компјутерска анимација. А, треба само да се свртат околу себе и многу убаво ќе видат што се е направено и изградено во општина Гевгелија, велат од општината.
Оттаму додаваат дека градоначалникот Франгов, за нивна жал, а за среќа на граѓаните, не ги повлекол воопшто машините од улиците.
-Изминатите седум години граѓаните на Гевгелија гледаат дека машините се секојдневно присутни во Гевгелија и сите населени места, градејќи и асфалтирајќи улици и тротоари, пешачки патеки, поставувајќи атмосферски и фекални канализации, обновувајќи училишта, културни домови, обновувајќи и градејќи нови градинки, поставувајќи урбана и спортска опрема, реагираат од општината.
Оттаму истакнуваат и дека додека градоначалник на општина Гевгелија е Иван Франгов, тој , заедно со своите соработници и во соработка со Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, имал изградено многу повеќе отколку сите градоначалници заедно од редовите на СДСМ кои ја воделе општината цели 13 години.