Епидемиолошката состојба со Ковид-19, како и на ниво на држава и на подрачјето на Дебар и Центар Жупа е стабилна, оценува Баки Алили, директор на Општата болница со проширена дејност во Дебар.
– Во Ковид центарот при инфективното одделение во нашата болница моментно имаме само еден пациент на болнички третман. Станува збор за повозрасна жена од општина Центар Жупа, која е на повремена кислородна поддршка. Ова е најмала бројка до сега од отворањето на центарот, во почетокот на ноември минатата година. Оптимист сум дека веќе го гледаме светлото на тунелот, но сепак, моја порака е дека треба да бидеме внимателни, изјави Алили за МИА.
Вчера попладне, додава тој, и покрај сите напори на здравствениот персонал, во Ковид центарот, како последица од опасниот вирус, почина жител на општина Центар Жупа.
Од почетокот на пандемијата, кога ова подрачје беше прво жариште на болеста, регистрирани се 939 случаи со Ковид-19, починале 43, додека активни на болеста се шест лица.
На подрачјето на двете општини во изминатите четири дена нема нов случај, додека овој месец опасниот вирус е потврден кај девет лица, наспроти минатот месец кога од први до 24 април биле регистрани 68 нови случаи.