Опсадна состојба во основно училиште во центарот на Загреб, поради што на крајот мораше да интервенира и полицијата.
Наставничка се заклучила во училница со учениците, откако во училиштето дошле ненајавени родителите на 9-годишно момче, за кое родителите и учениците тврдат дека од почетокот на оваа учебна година ги злоставува своите врсници и поради тоа е одвоено од наставата последните два месеци.
Денеска дошле родителите и барале нивното дете да биде вратено во одделението и да следи настава заедно со неговите соученици, на што наставниците реагирале и не дозволиле. Бидејќи тие постапувале агресивно, наставничката се плашела за нивната и за својата безбедност.
– За среќа, наставничката беше присебна и ѝ благодариме за храброста. Ги заклучи нашите деца во училницата и им рече дека тоа е пробна вежба за кризна ситуација. Сите побрзавме во училиштето и сме во шок. Сетете се што се случи во Белград пред една година. Ова е страшно, низ што поминуваме децата и ние со месеци – рекла мајка на еден ученик.
Таа додаде дека кога пристигнала, родителите на момчето седеле пред класот и инсистирале да влезат. Рекоа дека им е преку глава од тоа што нивното дете не оди нормално на училиште со другите деца. Во тоа време директорката се уште не била во училиштето, пишува „Јутарњи лист“.
Полицајците разговарале со родителите кога пристигнале, а потоа со нив го напуштиле училиштето.
Директорката на училиштето за „Јутарњи лист“ го потврди инцидентот и рече дека родителите на момчето редовно се однесуваат агресивно.
– Наставничката беше исплашена и не беше сигурна дека нема да направат нешто со сила. Повикавме полиција – рече таа.